Штип: Нема нови жаришта на африканска чума, но опасност од ширење постои
Нема нови жаришта на африканска чума кај свињите, но тоа не значи дека проблемот е надминат. Надлежните апелираат сточарите да практикуваат биосигурносни мерки. На сила е забрана за продажба на стоката на сточните пазари, а за десеттина дена ќе почне и отстрелот на дивите свињи кои се преносители на болеста...

Стабилна е состојбата со африканската чума кај свињите. Последниот случај е потврден во одгледувалиште во Облешево пред една недела. Но ова не значи дека проблемот е надминат, опасноста од ширење сè уште е присутна. „Сточарите да практикуваат биосигурносни мерки и веднаш да ги пријавуваат заболените грла. Не смееме да дозволиме болеста да се прошири во големите фарми“, апелираат ветеринарите.
Сопствениците на малите фарми од истокот се загрижени, бараат навремена исплата за секое уништено грло.
Први симптоми на африканската чума се поткожни крвавења и покачена температура кај свињите.
Ветеринарните инспектори и екипи на АХВ секојдневно се на терен во источниот регион. Од крајот на јули потврдени се шест жаришта на африканска чума во регионите на Македонска Каменица, Кочани, Виница и Чешиново-Облешево и уништени се 607 свињи.
Од 1-ви септември почнува ловот на дивите свињи, како мерка против ширење на болеста.
Славица Величковска
