Тенис, Мастерс 1000 во Монте Карло

Надал, Федерер и Вавринка супериорно

16.04.2014 23:12

Првиот светски рекет Рафаел Надал имаше проблеми само на почетокот против Тејмураз Габашвили.

Русинот поведе со 3-1 во првиот сет, но потоа освои само уште два гема. На крајот убедливи 6-4 и 6-1 по сетови за Шпанецот, чијшто нареден ривал ќе биде Андреа Сепи. Италијанецот во три сета беше подобар од Андухар.

Уште посупериорен од Надал беше четвртиот носител Роџер Федерер. Во првиот настап на црвеницата во кнежевството по три години, Швајцарецот му препушти на Радек Штепанек само еден гем во првиот и уште два гема во вториот сет. Во 1/8-финалето ќе игра со Лукаш Росол, којшто со 2-0 во сетови го исфрли Лодра.

Место во друштвото на најдобрите 16 на престижниот турнир осигураа и третиот носител Станислас Вавринка, којшто со 6-2 и 6-0 по сетови го прегази Чилиќ, осмиот рекет Милош Раониќ по победата во три сета над Лу, како и Фабио Фоњини, Томи Робредо, Григор Димитров, Николас Алмагро, Гиљермо Гарсија Лопез и Пабло Карено Буста.

На терените во Монте Карло утре ќе бидат одиграни осминафиналните дуели, в петок е четвртфиналето, а за деновите од викендот се планирани полуфиналето и мечот за победничкиот пехар.