„Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија
Денарот стабилен, „бб минус“ со стабилен изглед. „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија. Ова е исклучително значајно во услови на криза и е потврда за добрите политики, велат од реномираната агенција...

Курсот на денарот е стабилен, а високо капитализираниот банкарски сектор оди во прилог на потврдата на кредитниот рејтинг на Македонија од агенцијата „Стандард и Пурс“, односно „бб минус“, со стабилен изглед.
Во услови на глобална криза предизвикана од ценовните притисоци од примарните производи, потврдата на кредитниот рејтинг на земјава е силен сигнал за макроекономската и финансиската стабилност.
Во извештајот се посочува на ефектите од растечките цени на енергенсите на девизниот пазар, при што очекувањата на „Стандард и Пурс“ се дека овие притисоци ќе се намалат со постепеното намалување на цените на енергијата. Кредитната агенција укажува на приливите на странските директни инвестиции коишто се стабилни и на надворешното задолжување на државата како фактори што ќе обезбедат дополнителна поддршка на девизните резерви.
Се забележува дека првичниот ефект од почетокот на војната во Украина врз депозитите е стивнат, при што агенцијата наведува дека не очекуваат значителни дополнителни повлекувања на депозити или нивна конверзија во странска валута.
Од „Стандард и Пурс“ се посочува и на досега преземените мерки на Народната банка за стабилизирање на инфлацијата, но и зголемување на преференците за располагање со домашна валута и дополнително зајакнување на капацитетот на банките за справување со шокови.
