Изгласана недоверба на црногорската влада
Црногорскиот парламент и изгласа недоверба на владата на премиерот Дритан Абазовиќ, кој беше на функција само три и пол месеци. Со државата ќе владеат или криминалци или граѓани, ние сме на страната на граѓаните, рече Абазовиќ...

Темелниот договор со српската православна црква ја определи судбината на црногорскиот премиер. Со забележително мнозинство во црногорскиот парламент, падна владата на Абазовиќ, втора од изборите во 2020. Абазовиќ е етнички Албанец кому не му пречеше да се спогоди со црквата којашто не ја признава потполно црногорската независност. Ваквиот развој на настаните ја искористи демократската партија на социјалистите на претседателот Ѓукановиќ со што беше изгласана недоверба на кабинетот.
„Сакам да и честитам на новата коалиција на Мило Ѓукановиќ и Алекса Бечиќ. Се надевам дека ќе создадат нова влада. Подготвени сме да го предадеме мандатот некому којшто, зошто не, ќе ја води земјата успешно. Но, во оваа земја треба веќе да се реши кој ќе ја води: криминалците или граѓаните. Ние владеевме 100 денови и донесовме најтешки одлуки“, изјави Дритан Абазовиќ, премиер на Црна Гора во оставка.
Андрија Мандиќ, просрпскиот лидер на Демократски фронт, смета дека состојбата станува неизвесна во земјата, особено по укажувањето, кои се шефовите на криминалните групи во Црна Гора. Српската црква преку договорот со Абазовиќ успеа да го реши правото на сопственост на имотите и објектите во земјата, иако црна гора е членка на НАТО од 2017-ма и има затворено најголем број поглавја од земјите на Западен Балкан со Европската унија. За формирање на новиот кабинет, кој се претпоставува дека ќе раководи Алекса Бечиќ е неопходно мнозинство од 41 пратеник.
Зоран Богатинов
