Македонија

Слаб е одѕивот на тетовци на изборите за советници во Советот на Општината

20.08.2022 16:19

Локални избори во Маврово и Ростуше, жителите избираат по третпат градоначалник меѓу две партиски номинации, во Тетово се решава за позициите на 31 општински советник предложени од 11 партии и две независни листи. Има приговори, тие од надлежната Државна изборна комисија се решаваат тековно, меѓу нив и за неприменувањето на македонскиот јазик во некои гласачки места во Тетово...

Слаб е одѕивот на тетовци за гласање за избор на советници за Советот на Општината. За изборите за 31 советничко место, претендираат 11 партии и коалиции и две независни листи.

Според резултатите објавени од ДИК, до 13 часот на гласање излегле 13, 96 проценти од вкупно 84 илјади регистрирани гласачи и е далеку помалку ако се спореди со последните избори. Граѓаните за изборот на советници велат дека најважно е да им се решат комуналните проблеми, водоснабдувањето и патната инфраструктура. Да има единство во меѓуетничките односи.

Претседателот на претседателот на ДИК ,Александар Даштевски е задоволен како се одвива процесот на гласање во сите три општини. Гласањето се одвива нормално, во мирна и демократска атмосфера. Сите избирачки места се отворени на време. Даштевски исто така посочи дека на почетокот се сретнале со помали технички проблеми кои брзо биле решени.“ Исто така на некои избирачки места имаше објавено списоци на имињата на улиците само на албански јазик, но не и на македонски јазик. И тоа е технички пропуст, па им укажавме на избирачките одбори да ги закачат и тие списоци, појасни Даштевски.

Во Маврово-Ростуше и Центар Жупа се избира по трет пат градоначалник, откако на последниве два изборни циклуси не беше постигната излезност од најмалку една третина од вкупниот број избирачи. Во Маврово за прв човек на локалната самоуправа се борат двајца партиски кандидати, додека во Центар Жупа има само еден аспирант. Во оваа општина, право на глас имаат 9.948 граѓани кои гласачкото право го остваруваат на 39 избирачки места. Граѓаните велат дека најважно е да се спречи иселувањето на младината од овие краишта кои се заборавени и од централната власт.

Досега на избирачки места во овие три општини има поднесено 20 приговори од кои половината веднаш се решени, а другите се во постапка. Тие се однесуваат на неможноста да се оствари гласачкото право бидејќи тие лица не биле пронајдени во избирачкиот список.

Игор Панов