Македонија

Протест на лозарите од Тиквешијата, причина ниските откупни цена на грозјето

20.08.2022 16:40

Лозарите го блокираа влезот и излезот од Неготино, не се задоволни откупната цена на грозјето. Бараат итна средба со министерот Николовски оти во спротивно ќе го радикализираат протестот. Некои од лозарите уште ги чекаат парите од лани предаденото грозје во некои винарници...

Лозарите од Тиквешијата и Валандовско протестираа, а како причина ја наведоа ниската откупна цена на грозјето. Неколку часа беше блокиран излезот и влезот во Неготино од правец на автопатот од Скопје. Најавената откупната цена според откупувачите е за два до три денари повисока од лани, на смедеревката е 12,5, додека на вранецот е 16 денари за килограм. Лозарите се жалат дека оваа цена била условена со висока шеќерност.

Крстев Ѓоко од здружението на лозари производители од Неготино, посочи дека откупната цена на грозјето во државите од регионот е од 25 до 50 отсто со повисока цена. Лозарите објаснуваат дека со лански цени на грозјето и постојните цените на работната рака, вештачкото ѓубриво, нафтата, тие работат со загуба. Некои од нив посочија дека уште ги чекаат парите за грозјето што го предале лани во винарниците.

Слабиот одѕив на протестот, организаторите го припишаа, што лозарите биле разочарани од системот и државата, која со години не нашла начин да им помогне. Затоа и се намалувале површините под лозје. Годинава во Тиквешијата се очекува род на околу 80 милиони кг грозје.

Поддршка на лозарите им дадоа здружението на оризо-производители и здружението на одгледувачи на овци.

Петар Печков