Македонија

Со претставата „Вујко Вања“ вечерва се спушта завесата на „Охридско лето“

20.08.2022 17:04

Со театарската претстава „Вујко Вања“ од Антон Павлович Чехов, во изведна на Југословенскиот драмски театар од Белград, а во режија на Егон Савин, вечерва на Античкиот театар свечено ќе биде затворено 62-то издание на фестивалот „Охридско Лето“. На денешната прес конференција директорката на оваа најзначајна музичко сценска манифестација во земјава, Наташа Поповиќ рече дека во текот на четириесетте фестивалски денови публиката можела да види големи музички ѕвезди од земјава и светот...

За крај на 62-то издание на Фестивалот Охридско лето вечерва публиката на Античкиот театар ќе може да види уште еден театарски спектакл. Со претставата „Вујко Вања“ од Антон Павлович Чехов гостува актерската екипа на Југословенскиот драмски театар од Белград. Драмската селекторка Сања Арсовска рече дека ова дело на Чехов зборува за емотивните фрустрации, за несреќните љубови и немоќта да се поправат работите коишто довеле до некое емотивно мртвило и автодеструкција.

„Сведочејќи на целиот емотивен хаос и една колективна хистерија којашто владее глобално некако да се има Чехов на програмата, на театарската програма на фестивал си дојде природно затоа што Чехов претставува еден вектор којшто ја одредува количината на несреќа“, рече Сања Арсовска-драмски селектор.

„Чехов е најсуптилен помеѓу драмските писатели. Тој пишува за човековата интима и е многу тешко да се игра на големи сцени и на отворен простор, бидејќи тој по својата природа е камерен писател. Ние ќе вложиме огромен напор и веруваме дека направивме убава претстава да го совладаме тој огромен и атрактивен простор“, рече Егон Савин, режисер на претставата.

„Пред сè сакам да се заблагодарам што ни овозможивте да дојдеме и да учествуваме на овој прекрасен фестивал. Како што знаете ние и минатата година бевме овде и се претставивме успешно, се надевам дека така ќе биде и со вечерашната претстава“, рече Тамара Вучковиќ Манојловиќ, директор на Југословенски драмски театар-Белград.

Од дирекцијата на Охридско лето велат дека успеале да реализираат уште едно успешно издание во текот на кое се одржале 36 концерти, 9 театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма, при што на сцените низ Охрид продефилирале над 1 000 уметници од 25 земји.

„Горда сум што токму сега можам да кажам, изминаа вечери исполнети со многу убавина на врвната уметност кои долго ќе се паметат. Низ 40-те фестивалски денови можеше да се видат големи музички ѕвезди, врвни театарски претстави, премиери, настани за кои се бараше карта повеќе но и гости од целиот свет“, рече Наташа Поповиќ, директор на Фестивалот „Охридско лето“.

„Музичкиот дел од фестивалот заврши вчера, ние го заокруживме со еден концерт посветен на маестро Александар Џамбазов, но пред тоа имаше 30-тина музички настани и концерти коишто се одржаа во текот на фестивалот. Јас сум пресреќна како се тоа изгледаше“, вели Бисера Чадловска, музички селектор.

Директорката Поповиќ најави дека веднаш по спуштањето на завесата на годинашното издание ќе започнат подготовките за наредната година со многу новини, славни имиња, а веќе се договорени и неколку копродукциски проекти.

Сашо Нелоски