Почина новинарката Гордана Стошиќ
Стошиќ беше генерална директорка на МРТВ, раководител на телевизијата А1, како и на скопската телевизија Скај нет. Таа беше,пред сè, новинар на Македонската телевизија, долгогодишен известувач за внатрешно политичките настани, репортер од Собранието...

На 64 годишна возраст, по кратко боледување, почина Гордана Стошиќ, новинарка и раководител во повеќе медиумски куќи.
Стошиќ беше генерална директорка на МРТВ, раководител на телевизијата А1, како и на скопската телевизија Скај нет. Таа беше,пред сè, новинар на Македонската телевизија, долгогодишен известувач за внатрешно политичките настани, репортер од Собранието, а беше забележана во аналите на јавниот сервис со првиот извештај од новото здание на Јавниот национален сервис, по преселувањето на Македонската радио-телевизија од тогашно Нерези.
Знаеше во текот на професионалниот живот, на шега да одговори со шега, со помладите колеги да сподели и по некој совет, но и да учествува во нивната обука. Беше еден од водителите на популарната политичка емисија“ Без наслов, но со повод“ на Македонската телевизија.
Стошиќ беше активистка и членка на управниот одбор на Фондацијата отворено општество – Македонија.
Погребот на Гордана Стошиќ ќе биде извршен в понеделник на градските гробишта во Бутел, од 11 и 30 до 12 и 30 часот.
