Струмица убедлива против Синалко
Одбојкарите на Струмица поведоа против Синалко со 1-0, во финалната серија на плеј-офот во домашниот шампионат.

На отворањето на репризата на борбата за титулата од 2012, кога и ја освоија првата круна во нивната клупска историја, струмичани денеска славеа со лесни и убедливи 3-0. Со победата ја потврдија позицијата на фаворити за освојување на двојната титула, особено што нивниот ривал од Крушево ќе биде значително ослабен во клучните натпревари. Синалко деновиве остана без тренерот Ѓорѓиески и без еден од најважните првотимци Нане, па тоа се одрази на резултатот уште во првото соочување. По сетови беше 25-18, 25-19 и 25-16 за Струмица.
Реваншот во Крушево е в петок од 17 часот, а третиот, можеби и последен дуел од серијата е предвиден за понеделник, повторно во Струмица, во истиот попладневен термин. Наредните два меча ќе ги гледате во живо на собранискиот сервис на МРТ.
