Македонија

Промоција на нови полициски службеници, генерација 2021/2022

20.08.2022 18:05

Да се облече сината униформа, доблест и чест за новите, 590 полицајци, генерација, најдобра во последните 10 години. Безбедноста на институциите, граѓаните и на земјата е приоритет…

И покрај тоа што нашата обука поради состојбата со корона вирусот се одвиваше преку комбинирано учење, и онлајн и со физичко присуство, сепак успеавме да се стекнеме со знаења и вештини кои се неопходни да се облече сината униформа, истакна најдобриот од генерацијата 2021/2022. Вели, стекнатите компетенции ќе им овозможат на висок и професионален начин да одговорат на предизвиците кои ќе бидат исправени пред нив во текот на работењето.

„Во ваши раце ќе биде безбедноста на целата заедница, во ваши раце е зачувувањето на мирот во земјата и спокојниот живот на граѓаните“, им порача претседателот на државата Пендаровски на 590 – те полициски службеници.

Според министерот за внатрешни Спасовски, оваа генерација го има остварено најдобриот резултат во последната декада. Потсетувајќи се на неодамнешните насилни протести поради францускиот предлог, Спасовски го потенцираше значењето на полициската професија за безбедноста на институциите, граѓаните и државата.

Среден успех на оваа генерација е 524 бодови, од можни 600. Од вкупно пријавени 625 кандидати, обуката успешно ја завршиле 590. Од нив 487 мажи и 103 жени.

Ана Јосифоска Тодоровска