Македонија

Изгаснат пожарот во кругот на Цементарница УСЈЕ

21.08.2022 15:16

Како што избувна, така и беше изгаснат, благодарејќи на брзата интервевенција на Скопската противпожарна служба. Пожарот во Цементарница УСЈЕ ги вознемири граѓаните, причината е во дефектот на електричните инсталации на една од печките на фабриката...

Електрична инсталација е причина за пожарот што попладнето изби во кругот на цементарницата УСЈЕ, велат од противпожарната единица во Скопје. Возилото на пожарникарите коешто било во непосредна близина, веднаш било упатено во фабриката, а дополнително било испратено и уште едно од Центар во Автокоманда.

Пожарот е ставен под контрола за кусо време, но бидејќи станувало збор за постројка во која има висока температура, акцијата за гаснење на пожарот траела два часа, рече командирот на Скопската противпожарната бригада, Звонко Томески.

Чадот што се издигал над Цементарницата излегувал од тунелот за вентилација на печката за производство на цемент, а бил забележан од граѓаните на општините Кисела вода и Аеродром. Нема повредени лица, и не биле зафатени печките, оџаците и материјалите на кои се заснова производството, рече Томески.

Александра Спировска