Течат роковите за приговори за изборниот процес во Центар Жупа, Маврово-Ростуше и Тетово
По објавувањето на првичните неофицијални резултати од Државната изборна комисија, течат роковите од 48 часа за поднесување приговори. Вечер до 19 часот е крајниот рок до кога може да се поднесуваат приговори на постапката за гласање, а до вторник до еден по полноќ е рокот за објавување и сумирање резултати...

Течат роковите за поднесување на приговори за изборите за градоначалник на Центар Жупа и на Маврово-Ростуше и за членови во Советот на Општина Тетово. Доколку има поднесено приговори, Државната изборна комисија би ги разгледала во вторник или среда, а објавувањето на конечните резултати ќе зависи од тоа како ќе се решат и дали ќе има тужби до Управниот суд.
Државната изборна комисија доцна вечерта по изборите во саботата ги соопшти првичните резултати.
Според нив, во Центар Жупа за единствениот кандидат Аријан Ибраим од ДПТМ гласале 3.340 гласачи од вкупно 3.395 гласачи. Во Маврово-Ростуше, кандидатот на СДСМ Медат Кутровски освоил 3.266 гласови, а Мевмед Џафери од ВМРО-ДПМНЕ 1.935 гласови.
Во Советот на Општина Тетово, според првичните резултати, најмногу мандати има освоено БЕСА, вкупно 12, по што следуваат ДУИ со 11 мандати, ВМРО-ДПМНЕ со четири мандати и СДСМ со два мандата. По еден мандат во Советот на Општина Тетово имаат освоено Алтернатива и ДПА.
Коалицијата предводена од СДСМ славеше за двојна победа на вонредните локални избори за градоначалник во општините Маврово Ростуше и Центар Жупа, додека пак ВМРО-ДПМНЕ славеше за, како што ја претставија, двојна победа во Тетово, односно дека тие го победиле СДСМ, а БЕСА ја победила ДУИ во Тетово.
Поради изборниот неуспех во Тетово и неосвојувањето на ниту еден советнички мандат, вчера неотповиклива оставка поднесе лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.
По состанокот на највисокото раководство во Тетово, Села на прес-конференција најави дека повеќе нема да се кандидира за лидерското место во партијата.
