Енергетската криза загрижува, зголемена побарувачка за огревно дрво
Енергетската криза и стравот од евентуални рестрикции ги загрижи и битолчани, кои досега беа горделиви на тоа што одолевале на сибирските зими во градот под Пелистер. Побарувачка за огревно дрво е зголемена за 50 проценти. Оние кои немаат алтернатива ќе се греат на струја, а некои веќе се привикнуваат на штедењето…

Дури и на оние кои одолеваа на битолските сибирски зими, енергетската и економската криза им создаваат несигурност каква грејна сезона ги очекува и колку ќе бидат топли нивните домови. Калкулациите велат дека многу домаќинства се откажуваат од загревање со пелети или електрична енергија. Онаму каде што нема можност да се примени алтернативата со огревно дрво, велат веќе се применуваат мерките на штедење.
Годинава побарувачката на огревно дрво е за 50 проценти зголемена. Ако лани само преку здружението на пензионери беа нарачани 6.000 метри кубни, за оваа грејна сезона треба да се дистрибуираат 9.000. Иако досега се доставени над 40 проценти, од здружението со апел пензионерите да не паничат, огревното дрво навремено ќе го добијат.
Одамна беа времињата кога во Битола функционираше централното парно греење. Денеска тој благодат го имаат само неколку колективни станбени објекти како резултат на одличната самоорганизираност.
Благодарение на минатогодишната заштеда, месечните издатоци ќе бидат помали, но сепак доколку има рестрикции со електричната енергија, ќе се почувствуваат проблемите на функционирање.
Стевче Митревски
