Македонија

На 6-ти септември почнува судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово

22.08.2022 12:34

Обвинети за пожарот во модуларната се поранешниот директор на тетовската болница, Флорин Бесими, раководно лице во болницата, дежурниот доктор, но и болницата...

На два дена пред годишнината од трагедијата, односно на 6-ти септември, е закажан почетокот на судскиот процес за пожарот во модуларната болница во Тетово. Предметот е во рацете на судијата Јордан Велковски. Ова следува откако Обвинителството, на 27-ми јули поднесе обвинение против три физички и едно правно лице.

Обвинети за пожарот во модуларната се поранешниот директор на тетовската болница, Флорин Бесими, раководно лице во болницата, дежурниот доктор, но и болницата.

Бесими и раководното лице се обвинети дека сториле кривично дело - тешки дела против општата сигурност, а докторот дека не постапил според здравствените прописи во време на епидемија.

Тетовската болница се гони за двете кривични дела.

Во пожарот во модуларната болница на 8-ми септември лани, загинаа 14 луѓе. Истрагата траеше 10 месеци, а во неа учествуваа експерти и истражители од Германија.