Бизнисот бара решение за цената на струјата
Со вакви цени на струјата, многу компании ќе го стават катанецот на врата, предупредуваат од Стопанската комора. Бара владата да најде избалансирани решенија, бидејќи како што вели потпретседателот Јовановски, ако нема работа, не ќе може да се плати и сметката за струја…

Во моментов нема поголем проблем за македонската економија од цената на струјата. Од Стопанската комора бараат владата да најде избалансирани решенија кои ќе му овозможат на бизнис секторот да преживее. Ако не се случи тоа, многу фирми ќе се затворат и ќе се изгубат голем број работни места. Ризиците се зголемуваат, потребна е итна реакција, предупреди комората, од каде што очекуваат нивните предлози неделава да бидат разгледани и прифатени.
„Пред мене имам конкретни податоци за сметката за струја на една компанија членка на Комората. Иако во јули годинава компанијата потрошила помалку струја од јули минатата година, сметката за струја годинава ѝ е речиси шестпати поголема во однос на јули минатата година. Лани за јули платила околу еден милион денари, а годинава за јули вкупно шест милиони денари. Кој бизнис сектор ќе го издржи ова и до кога?“-прашува потпретседателот на Стопанската комора, Зоран Јовановски.
Јовановски предупреди дека годинава ќе може да згаснат повеќе фирми од лани. Повикувајќи се на податоците од Централниот регистар, посочи дека во 2021 година од регистарот се избришани речиси 7 илјади правни лица, а досега во годинава веќе над 5 илјади.
„Со оваа динамика на бришење, годинава ќе се избришат повеќе правни лица од лани. Со вакви цени на струјата, уште колку компании ќе го стават катанецот на вратата во периодот што следува? Владата треба побрзо да ги прифати предлозите на Комората. Потребна е итна реакција зашто времето поминува, а ризиците се зголемуваат. Цената на струјата е најважното економско прашање и во моментов прашање за опстанок на македонскиот бизнис сектор. Затоа очекуваме Владата што побргу да ги прифати предлозите објавени во повеќе наврати од Стопанската комора и да преземе чекори за нивна примена. Комуникацијата со Владата постои, но нашите сознанија се дека оваа недела ќе биде разгледано ова прашање. Се надеваме дека ќе се согласат со нас за сериозноста на проблемот“, нагласува Јовановски.
Компаниите штедат, бидејќи им е во интерес да ги сведат трошоците на минимум, нагласи Јовановски. Високата цена на струјата ги прави нашите компании неконкурентни, домашното производство може да се зголеми, но потребно е да се тргнат административните пречки, рекоа од Стопанската комора.
Александра Спировска
