Култура

Отворена традиционалната ликовна колонија „Михајлово 2022“

22.08.2022 10:55

Оваа традиционална ликовна колонија се одржува по 27 пат и е еден од најзначајните меѓународни културни настани во тиквешкиот регион. Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија и од Општина Кавадарци.

Со изложба на дела на ликовниот уметник Стефан Хаџи Николов на 20 август во Кавадарци започна меѓународната ликовна колонија „Михајлово 2022“.

Оваа традиционална ликовна колонија се одржува по 27 пат и е еден од најзначајните меѓународни културни настани во тиквешкиот регион. Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија и од Општина Кавадарци.

На колонијата учествуваат и творат околу 30 уметници од Србија, Турција, Грција, Словенија, Македонија, Косово, Црна Гора, Германија и Русија.

На колонијата свои изложби ќе имаат Диме Темков од Словенија (на 22 август) во Музеј-галерија насловена „Слики од морето и ловот“ и во Вински музеј уметникот Новица Трајковски (на 24 август) со наслов „Тиквешанка – во спомен на виното“. Покрај тоа, за време на колонијата, во Вински музеј ќе се одржи и промоција на книгата „Наива – наивното сликарство и скулптура во Македонија“ од Гоце Божурски.

Уметниците ќе творат во Вила „Рума“ во селото Дабниште каде што на 25 август со изложба на нивни дела ќе биде затворена ликовната колонија.

Куратор на изложбата е Владимир Темков.