Експремиерот на Пакистан, Имран Кан обвинет за тероризам
Истрагата почна откако Кан ги обвини полицијата и една судијка за приведување и тортура на негов близок соработник...

Поранешниот премиер на Пакистан, Имран Кан се соочува со обвинение за тероризам. Истрагата почна откако Кан ги обвини полицијата и една судијка за приведување и тортура на негов близок соработник.
Викендов, пакистанското тело за надзор на медиумите им забрани на телевизиските канали да емитуваат негово обраќање со објаснување дека шири говор на омраза. Лидерите на пакистанската опозиција предупредија дека властите ќе ја преминат црвената линија доколку го уапсат поранешниот премиер.
Стотици луѓе се собраа пред куќата на Кан за да ја спречат полицијата да дојде до него.
„Имран Кан живее во срцето на народот. Обичните луѓе во Пакистан сега се залагаат за него“, вели еден поддржувач на Кан.
Откако беше соборен од власта во април, Кан одржа масовни собири низ целата земја. Со месеци ги предупредуваше државните институции, вклучително и војската, да не ја поддржуваат коалициската влада предводена од неговиот долгогодишен политички ривал Шехбаз Шариф. Главната цел на Кан се предвремени општи избори, но владата не покажа интерес бидејќи се бори со големи економски тешкотии.
„Решив да бидам дел од политиката затоа што чувствував дека политичката елита во Пакистан е корумпирана. Корупцијата е најголемата причина зошто земјите се сиромашни“, рече Кан.
Се стравува дека тензичната борба за моќ меѓу сегашната влада на земјата и нејзиниот поранешен лидер би можела да започне нов круг на јавни немири и превирања во Пакистан.
Маријана Димовска
