Судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово почнува на 6-ти септември
На 6-ти септември е закажан почетокот на судењето за пожарот во тетовската модуларна болница, во кој изгореа 14 луѓе. Обвинети се поранешниот директор на тетовската болница Флорин Бесими, раководно лице во болницата, дежурниот доктор, но и болницата…
На два дена пред годишнината, односно на 6-ти септември е закажан почетокот на судскиот процес за пожарот во модуларната болница во Тетово. Предметот е во рацете на судијата Јордан Велковски.
Јавното обвинителство на 27-ми јули поднесе обвинение против три физички и едно правно лице.
Обвинети за пожарот во модуларната ковид болница се поранешниот директор на тетовската болница, Флорин Бесими, раководно лице во болницата, дежурниот доктор, како и самата болница.
Бесими и раководното лице се обвинети дека сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност, а докторот дека не постапил според здравствени прописи во време на епидемија. Тетовската болница, се гони за двете кривични дела.
Во пожарот во модуларната болница на 8-ми септември лани загинаа 14 луѓе. Истрагата траеше 10 месеци, а во неа учествуваа и експерти и истражители од Германија.
Ирина Гелевска
