Македонија

Еуростандард банка е однесена во стечај со умисла, тврди Костовски

22.08.2022 14:39

Еуростандард банка е однесена во стечај наменски, во време на техничката влада на Оливер Спасовски, тврди Трифун Костовски. Вели дека нема сомнеж оти банката е однесена во стечај со умисла. Костовски вели дека Комерцијална банка незаконски искористила 3 милиони евра од Еуростандард, а сатарот го направила Народна банка…

Од 2004-та година во Македонија постоела добро воспоставена шема преку која неколку комерцијални банки во земјава, систематски ги прекршувале важечките регулативи во областа на банкарството и вршеле кредитирање на субјекти кои биле неподобни за добивање кредити, рече експертот Драго Кос, за време на соопштувањето на информациите од извештајот за стечајот на Еуростандард банка.

Експертите рекоа дека шемата функционирала на начин што, одредена банка идентификувала компании подготвени да ги отстапат своите деловни сметки и на кои банката им исплаќала одреден износ врз основа на фиктивни договори за кредит, а истите средства компаниите потоа формално ги позајмувале на други компании, по избор и во организација на банката. Договорите се потпишувале многу брзо, неретко и подоцна, а честа појава биле и фалсификуваните потписи, рекоа ангажираните експерти.

Истрагата покажала дека дел од оваа шема била седум банки, 45 компании и физичко лице.

Во заклучоците од извештајот стои дека Народна банка одбива да го признае постоењето на оваа незаконска шема и покрај тоа што имала сознанија, а добила и конкретни документи. Експертите додаваат дека биле поднесени и неколку кривични пријави, но јавното обвинителство никогаш не повело значајна постапка.

На конференцијата беше речено дека за незаконската шема биле информирани и двајца заменици премиери и еден министер за правда. Им биле понудени и решенија, но никогаш не возвратиле со суштински одговор, информираа експертите.

Марија Котовска