Македонија

Реакции по прес- конференцијата на Костовски за стечајот на Еуростандард банка

22.08.2022 16:06

Неодговорно однесување поттикнато од лични интереси и приватни побуди. Вака Советот на Народна банка ја оцени прес-конференцијата за извештајот за стечајот на Еуростандард банка, нарачан од Трифун Костовски. Реагираа и од Македонската банкарска асоцијација. Велат, пропаѓањето на една банка заради проблеми и нерегуларности кои се случувале во самата таа банка, не смее и не може да бидат прелеани како обвинување за цел сектор...

Неодговорно однесување поттикнато од лични интереси и приватни побуди. Вака Советот на Народна банка ја оцени прес-конференцијата за извештајот за стечајот на Еуростандард банка, нарачан од Трифун Костовски. Според НБРМ, изнесените информации се нерелевантни и неточни, Еуростандард не ги исполнувала минималните законски услови за адекватност на капиталот, не постапила по дадените мерки, по што и е одземена дозволата за работа. Била поднесена и кривична пријава за поранешни одговорни лица во банката.

„За Народната банка, оценките и мислењата, особено во делот на состојбите во банкарскиот и финансискиот систем на нашата земја и начинот на работата на Народната Банка, искажани од страна на нарачателот на овој извештај, како и лицата кои се најмени од негова страна за да го изработат и промовираат во јавноста, се нерелевантни и неточни. Народната банка е професионална и независна институција, којашто при одлучувањето ги применува највисоките меѓународни стандарди и практики, што е потврдено и со оценките на меѓународните финансиски организации и кредитни агенции“, се вели во соопштението.

Реагираа и од Македонската банкарска асоцијација. Велат, пропаѓањето на една банка заради проблеми и нерегуларности кои се случувале во самата таа банка, не смее и не може да бидат прелеани како обвинување за цел сектор.

„Потенцираме дека никој нема право да изнесува небулозни наводи и обвинувања за цел банкарски сектор на една држава врз основа на некакви приватни истраги. Банкарскиот сектор е дел од севкупниот економски систем на оваа земја, дом на заштедите на македонските граѓани и компании и столб на целокупниот финансиски систем на Република Северна Македонија“, соопштуваат од МБА.

Реагираа и од Комерцијална банка, од каде што велат дека се научени, сопственици на пропаднати фирми за нивните слабости и незаконско работење да ги обвинуваат банките. Оттаму рекоа и дека од ниту една од банките, вклучително и од Комерцијална, експертите кои работеле на извештајот не побарале документи или средба за да се слушнат и нивните аргументи. Оттаму сметаат дека единствени виновници за стечајот се одговорните лица во надзорниот и на управниот одбор и лицата со кредитни овластувања кои носеле погрешни одлуки.

Катерина Топалова