Мерки против африканската свинска чума
На 1-ви септември почнува ловната сезона на дивите свињи, на сите ловиштата на територија на државата освен во општините Македонска Каменица, Виница, Кочани и Делчево. Ловот е една од мерките за спречување на ширењето на болеста африканска свинска чума, која сериозно го загрозува свињарскиот сектор во домашното производство на храна...

Од први септември почнува ловот на дивите свињи како превентивна мерка за спречување на ширењето на африканската свинска чума.
Концесионерите на дивеч во ловиштата се должни ловот да го организираат во присуство на ловочувар, инспектор за ловство и доктор по ветеринарна медицина, а застреланиот дивеч по завршувањето на ловот да го складираат на однапред одредено место.
Исто така, концесионерите се задолжуваат да определат ловни денови за засилен отстрел на диви свињи и да ги преземат сите мерки пред почетокот на ловот.
Извор и носители на вирусот на чумата, се дивите свињи и според ветеринарите болеста која ја има во регионот, кај нас е пренесена од соседна држава.
Од неа заболуваат домашните и дивите свињи, таа не е опасна за човекот, но предизвикува големи економски загуби.
Се пренесува и шири преку директен контакт меѓу животните, или преку заразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила и облека.
Смртноста кај домашните свињи може да достигне дури и до 100 проценти.
Методија Трајков
