Македонија

Силните врнежи од дожд предизвикаа поплави низ земјава

23.08.2022 09:16

Синоќа невремето кое ја зафати Македонија предизвика поплави во Прилеп, Битола, Виница, Неготино, Тетово...

Синоќешното невремето кое ја зафати земјава предизвика поплави во Прилеп, Битола, Виница, Неготино, Тетово. Во прилепското село Лажани биле поплавени 50 куќи, а дел од населението било евакуирано по обилните дождови. Нема повредени жители.

„Причина е излевањето на реката, која поради невремето, како и несовесното градење и отпадот, поплави голем број куќи, велат од локалната власт. Покрај Лажани во општина Долнени, поплавени биле уште неколку села, а Центарот за управување со кризи соопшти дека водата во околината почнала да се повлекува.

Во Долнени струјата била превентивно исклучена за заштита на луѓето и мрежата. Има поплавени куќи и во Кривогаштани. Во Неготино се регистрирани оштетени кровови и поплавени домови. Силен дожд врнеше и во Битола и Крушево. Поради паднато дрво вчера неколку часа во прекин беше и сообраќајот во двата правци на патот Битола – Меџитлија.

Невремето во Виница поплави 30 до 40 објекти. Во Виница наврна најмногу дожд на метар квадратен – 55 литри. И во Тетово по обилните врнежи од дожд има поплавени подруми, гаражи и куќи, а се излеа и канализација од неколку шахти.