Почнуваат големите Велигденски празнувања

17.04.2014 10:10

Денеска е Велики четврток. Пред изгрејсонце, се вапцаат првите велигденски јајца, симболот на празникот...

Денеска е Велики четврток. Почнуваат големите велигденски празнувања. Се прават подготовки за пречекот на големиот празник, Христовото воскресение. Годинава, православните и католиците празнуваат во ист ден.

Пред изгрејсонце, се вапцаат првите велигденски јајца, симболот на празникот

На Велики Четврток се одбележуваат настаните што се случиле пред да тргне Спасителот на доброволните страданија. Во овој ден си спомнуваме за: Тајната вечера и сè што се случувало тогаш: подготовката, миењето нозе на апостолите, поуката за смирението и братољубието, посочување на предавникот и излегувањето на Јуда од вечерата, востановување на Светата евхаристија, најава за Петровото одрекување, Прошталната беседа на Христа со 11 апостоли, завршувањето на Тајната вечера и излегувањето од Ерусалим кон Елеонската Гора – во Гетсиманската Градина.

Велики Четврток е денот на Тајната вечера. На овој ден се повикуваат верниците на Причест, затоа што на Велики Четврток е востановена Светата причест, на Тајната вечера. Тоа е Празникот на Причеста.