Свет

Правниот тим на Трамп поднесе тужба до судот

23.08.2022 12:22

Над 300 доверливи документи биле пронајдени во домот на поранешниот американски претседател Трамп. Агентите кај него пронашле материјали од ЦИА, Агенцијата за национална безбедност и ФБИ. Трамп поднесе тужба. Побара од судот да ја замрзне истрагата на Министерството за правда...

Поранешниот американски претседател Трамп поднесе тужба и побара од судот да ја замрзне истрагата на Министерството за правда за досиејата што пред две недели беа запленети од неговиот дом во Флорида. Тужбата следи откако, американската влада објави дека агентите пронашле над 300 доверливи документи, вклучително и материјали од ЦИА, Агенцијата за национална безбедност и ФБИ. Неговиот правен тим побара да се назначи независен адвокат кој ќе ги надгледува запленетите документи.

„Тоа би било независна личност која ќе ги прегледа документите што беа пронајдени од Мар А Лаго, за да се утврди кои од нив се дел од истрагата, а кои не се, и со некаква правна привилегија се заштитени и се надвор од надлежноста на истражителите“, изјави Ерик Такер, Асошиетед прес, известувач од Министерството за правда.

Во тужбата од 27 страници поднесена до судот на Флорида, правниот тим на Трамп го обвинува Министерството за правда дека сака да го спречи Трамп повторно да се кандидира за претседател.

„Претседателот Доналд Џеј Трамп е јасен фаворит на републиканските претседателски прелиминарни избори во 2024 година и на општите избори во 2024 година, доколку одлучи да се кандидира“, се вели во извештајот.

Министерството за правда соопшти дека обвинителите се запознаени со тужбата и ќе одговорат на суд. А, портпаролот Ентони Коли изјави дека налогот за претрес бил одобрен од федералниот суд. Претресот е дел од федералната истрага за тоа дали Трамп незаконски изнел документи кога ја напушти функцијата во јануари 2021-та по поразот на претседателските избори од демократот Џо Бајден. Според ФБИ, на 8-ми август од имотот на Трамп во Флорида биле земени 11 комплети доверливи досиеја. Трамп негира дека сторил нешто лошо и тврди дека предметите биле декласифицирани.

Бојана Крстевски