Дугин: Дарија умре за народот, во име на победата
Зад убиството на руската новинарка Дарија Дугина стојат украински специјални служби, тврди федералната служба за безбедност на Русија. Семејството и пријателите денеска се збогуваа со руската новинарка, ќерка на познатиот руски филозоф Александар Дугин. Тој рече дека смртта на неговата ќерка е терористички акт...

Роднините, пријателите и граѓани се збогуваат со новинарката Дарија Дугина, ќерка на познатиот руски филозоф Александар Дугин. Тој рече дека смртта на неговата ќерка е терористички акт од украинскиот нацистички режим.
„Сакав да ја воспитам ќерка ми онака како што ја гледам идеалната личност. Целото свое детство таа го помина во православните логори, одеше во црква. Јас и нејзината мајка ја советувавме да стане филозоф. Низ искушенија, таа стана подобра од нас. Во нашето семејство отсекогаш важело правилото: мора да станеш подобар, да напредуваш, да бидеш похрабар. Дарија умре за народот, за Русија, во име на победата“, изјави Александар Дугин, руски филозоф.
Претседателот Путин вчера на Националниот ден на руското знаме ја одликува Дугина постхумно со орден за храброст.
Дугина беше убиена на 20-ти август на автопатот Можај во московскиот регион во експлозија на поставена бомба. Федералната служба за безбедност на Русија соопшти дека зад убиството на руската новинарка Дарија Дугина стојат украински специјални служби. Сторителот е украинската државјанка Наталија Павловна Вовк, која со ќерката пристигнала во Русија на 23-ти јули и која претходно служела во националниот баталјон Азов. Киев ја демантира Москва.
За шест месеци руската армија изврши барем по еден напад врз речиси сите украински градови.
„Овде се случи незамисливото, го видовме суровото лице на војската на Путин. Ја видовме непромисленоста и студеното срце со кои тие го окупираа градот. Овде во Буча видовме како нашата човечност е уништена и тоа е. Целиот свет тагува со жителите на Буча“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија.
Во моментот најжестоките битки се водат во областа Запорожје – околу најголемата нуклеарна централа во Европа, и околу Крим – полуостров над кој Украина сака да воспостави контрола и да ги протера руските војници кои го окупираа во 2014 година.
„Синото и жолтото знаме на Украина повторно ќе се вее таму каде што со право треба да биде. Во сите привремено окупирани градови и села во Украина. Ќе се вее засекогаш во Мелитопол над плоштадот на победата. Не може да има знаме на оние кои не знаат што е слобода. Ќе има сино и жолто“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
За централата што може да ја озрачи цела Европа, Русија бара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации. Амбасадата на САД во Киев предупреди за руските планови за напад на цивилна и владина инфраструктура во наредните денови.
Марина Ристова
