Судство

Уставен суд тоне во предмети, а нови судии нема

23.08.2022 13:06

Алармантна е состојбата со Уставниот суд, за МТВ вели претседателката Добрила Кацарска. Потсетува на ризикот од влегување во уставна криза. Додава за три месеци истекува мандатот на уште еден судија и доколку до декември не се изберат нови судии, тоа несомнено и ќе се случи. Над 40 предмети сè уште чекаат разрешницата во Уставниот суд...

Повеќе од 40 предмети кои досега не го добиле потребното мнозинство чекаат на полн состав на Уставниот суд. Кога ќе продолжи работата на Комисијата за избори и именувања во Собранието, претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска за МТВ вели дека знае колку што знае и јавноста. Немала дополнителни контакти и информации по средбата со државниот врв во мај, после која во собраниската комисија помина само еден од кандидатите за уставни судии.

„Овие три месеци се последната надеж за граѓаните дека државата, односно Собранието сериозно ќе пристапи кон овој проблем кој штети не само на работата на Уставниот суд, туку најголемата штета од чекање и одолговлекување на постапки ја трпат граѓаните. За три месеци истекува мандатот на судијата Вангелина Маркудова и доколку до декември не се изберат судии, државата влегува во уставна криза“, вели претседателката на судот Кацарска.

Уставниот суд кој има улога да ги контролира законите, актите и да ги штити правата и слободите на граѓаните ќе биде нефункционален. А состојбата во уставниот суд станува алармантна. Дополнително пристигнуваат нови иницијативи кои се доделуваат кај судиите и со тоа се зголемува нивниот обем на работа додава Кацарска. До сега собраниската комисија го утврди само Фатмир Скендер како кандидат од владејачкото мнозинство. Не помина предлогот на опозицијата за родна Живковска, а последната седница по двочасовна дискусија беше прекината. Останаа неразгледани кандидатурите на актуелниот јавен обвинител Љубомир Јовески, на Тања Васиќ Бојаџиева, државен советник во Министерството за правда двајцата на предлог на мнозинството, потоа на универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски јавен обвинител од Охрид, предложени од опозицијата.

Фиљана Кока