Се санираат штетите по поплавите
Се санираат штетите од синоќешното невреме кое зафати делови од земјава. Поројниот дожд предизвика поплави во Прилеп, Битола, Виница, Неготино, Тетово. Во село Лажани, општина Долнени по излевањето на реката беа поплавени 50-тина куќи, поради што жителите мораа да се евакуираат. Во Виница се пријавени штети во повеќе од 60 објекти. Зголемен е водостојот на реката Вардар кај железничкиот мост во Скопје, Јагуновце и кај Демир Капија...

Се санираат штетите од синоќешните изобилни врнежи што ги зафатија општините Виница, Долнени и Тетово. Во село Лажани се поплавени куќи, струјата беше исклучена, а дел од жителите беа евакуирани. Во Виница до 23 часот имало 20 интервенции, претежно на деловни објекти и училишта. Најголем дел од штетите се санирани и таму речиси е завршено испумпување на водата. Станува збор на инфраструктурата во урбаното подрачје на градот и во текот на денот се очекува се да биде завршено доколку нема нови врнежи од дожд.
Во Тетово и околните места, преку ноќта екипите на јавното комунално претпријатие работеле за нормализирање на состојбата, која засега е стабилна. И скопјани на бројот 112 пријавиле оштетени фасади, откорнати олуци и откорнат лимен покрив од зграда.
Нивото на реката Вардар кај Јегуновце, кај железнички мост Скопје и кај Демир Капија е зголемено, покажуваат последните мерења направени од управата за хидрометеоролошки работи. Зголемувањето на водостоите се измерени и на Брегалница кај Берово и кај Штип, на Бабуна кај Богомила, како и на реката Струмица кај Сушево. Пониско ниво од просекот за август има на вливот на Лепенец, Треска кај Македонски Брод, Крива река кај Крива Паланка и на Пчиња кај Пелинце.
Александра Спировска
