Истрагата за „Еуростандард банка“ е во тек
Откако бизнисменот Костовски и меѓународни експерти го презентираа извештајот за Еуростандард банка, реакција од Јавното обвинителство. Велат, на презентацијата присуствувало и осомничено лице. Информираат дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја испитува одговорноста за стечајот. Донесена е наредба за спроведување истрага против четири лица, осомничени дека сториле кривично дело предизвикување стечај на банка и перење пари...

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја испитува одговорноста за стечајот на Еуростандард банка. Донесена е наредба за спроведување истрага против четири одговорни лица. Постои сомнение дека сториле кривично дело предизвикување стечај на банка и перење пари. Од Јавното обвинителство реагираат за вчерашната прес-конференција на која како што велат оттаму, присуствувало и осомничено лице за случајот. Проверките кои биле направени упатувале дека банката не постапувала по бројните мерки изречени од НБРМ и доставувала неточни извештаи.
„Осомничените како лица со посебни права и одговорности во Еуростандард банка АД Скопје ги повредиле одредбите од Законот за банки, како и Методологијата за адекватност на капиталот. Како резултат на несоодветното работење на осомничените, органите на банката целосно затаиле во извршување на основните функции и со своите одлуки не постапиле по изречените мерки на Гувернерот на НБРСМ, при што придонеле за дополнително влошување на профилот на ризик на банката“, соопштуваат од Јавното Обвинителство.
Извештајот за пропаѓањето на Еуростандард банка подготвен од еминентни експерти во банкарскиот сектор само ја потврди фактичката состојба за масовниот организиран криминал, реагираат од Здружението на оштетени штедачи во банката. Оттаму побараат Јавното обвинителство да ја соопшти одлуката за истрагата која ја води повеќе од година и пол.
„Резултатите од приватната истрага на Трифун Костовски не нè изненадија, ниту фрапираа. Тие само го потврдија тоа што го изјавуваме и објавувавме минатите две години. Масовен организиран криминал спроведен преку низа нелегални, законски забранети шеми на позајмици за покривање на достасани обврски на клиенти, перење пари преку воспоставени деловни односи со нерезидентни клиенти, злоупотреби на службена должност и овластување, фалсификување документи, измами, незаконски манипулации и превари.“ – велат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.
Од Обвинителството соопштуваат дека истрагата за Еуростандард банка е во тек, а по нејзиното завршување ќе се донесе соодветна јавнообвинителска одлука. Вчера бизнисменот Трифун Костовски и меѓународни експерти објавија извештај за незаконски банкарски шеми коишто функционирале од 2004-та. Народната банка и Македонската банкарска асоцијација изнесените наводи ги оценија како нерелевантни и неточни.
Сунчица Николоска
