Куманово се подготвува за звуците на тамбурата
Седум оркестри од државата и регионот ќе настапат на 18-то издание на Меѓународниот тамбурашки фестивал во Куманово, кој ќе се одржи викендов. Целта на фестивалот кој се реализира од 2004-та година е да продолжи да се негува звукот на тамбурата и да се спаси од заборав. На овој фестивал досега учествуваа над 130 тамбурашки оркестри со повеќе од 450 изведувачи...

Кумановци викендов ќе уживаат во звуците на тамбурата. На 26-ти и 27-ми, петок и сабота, ќе се одржи 18-то издание на Меѓународниот тамбурашки фестивал. Организаторите од Фондацијата за култура и спорт при Општина Куманово, најавија настап на седум оркестри од државата и од регионот.
„Програмата ќе биде богата, верувам дека ќе ги задоволи критериумите и барањата на сите наши граѓани, но и на оние кои се од околните градови кои можат да не посетат. Фестивалот во петокот ќе го отвори Симфонијум, млад оркестар од Куманово, потоа ќе настапат „Охридски бисери“ и Петар Нечовски, по што ќе следи настапот на градскиот тамбурашки оркестар „Пљевља“ од Црна Гора и група „Легенде“ од Србија“, истакна Марио Арангеловски, в.д директор на Фондација за култура и спорт, Општина Куманово.
Втората вечер во сабота, ќе настапи тамбурашки оркестар „Табиет“ од Свети Николе, тамбурашки оркестар „Мајшперк“ од Словенија, а фестивалот завршува со настап на „Нокаут“ и Игор Џамбазов.
„Фестивалот е од меѓународен карактер и веќе е препознатлив на Балканот. Секоја година имаме се повеќе гости од соседните земји, па со тоа сме и реномирани многу високо кога е во прашање тамбурашката култура“, дополни Арангеловски.
Фестивалот на тамбурата во Куманово се реализира од 2004-та година на иницијатива на кумановските тамбураши. Настанот е под покровителство на Општина Куманово.
Елена Георгиевска
