Македонија

Утре седница за жалбата на Русковска

23.08.2022 15:10

На утрешната седница Советот на јавни обвинители ќе се разгледува жалбата на Русковска за нејзината суспензија. Тупанчевски не ја коментира одлуката на државниот обвинител, Јовески бидејќи тоа би значело мешање на извршната во судската власт. Ваквиот исход доаѓа по претресот на обвинителството за организиран криминал во финансиската полиција и кривичната од Муареми за пречекорувања на овластувањата...

Советот на јавни обвинители на седница ќе ја разгледува жалбата на обвинителката Вилма Русковска за нејзината суспензија. Претседателот на советот Јолевски потврди дека ги добиле актите од републичкиот обвинител за суспензијата. Русковска и Јовески нема да бидат на присутни на седницата. Министерот за правда Тупанчевски не сака да ја коментира одлуката на државниот обвинител, бидејќи како што вели, тоа би значело мешање на извршната во судската власт. Ако евентуално имало некаков притисок, тогаш треба да се реагира институционално.

Министерот за внатрешни Спасовски вели дека со обвинителката Русковска имале одлична соработка и дека службите во МВР секогаш навремено одговарале за сè што било побарано. По поднесувањето на жалбата, обвинителката Русковска изјави дека ги побива сите наводи во решението на Јовески и дека тоа не е нејзина суспензија, туку суспензија на правото и правдата во државата. Таа водеше два предмета во предистрага-за Финансиската полиција и за станицата за технички преглед каде бил регистриран автобусот којшто изгоре во Бугарија.

За претресот во Управата за финансиска полиција, директорот Арафат Муареми до обвинителите поднесе кривична пријава за сторени кривични дела при постапување. Републичкиот јавен обвинител Јовески со решение ја оддалечи од функцијата шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на уште двајца јавни обвинители, под сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка, со што сториле тешка дисциплинска повреда. Веднаш потоа следуваше и оставката од директорот на финансиската полиција Муареми, со цел како што објасни, да нема сомнеж за какво било влијание врз предметот кој се води во Обвинителството.

Милчо Велески