Објавени конечните резултати за локалните избори
Државната изборна комисија ги соопшти конечните резултати од локалните избори одржани во саботата. Во Маврово градоначалник е Медат Куртовски од СДСМ, во Центар Жупа победи Аријан Ибраим кандидатот на Демократската партија на Турците. Избрани и советници во општина Тетово...

Државната изборна комисија ги прогласи за конечни резултатите за избор на градоначалници во Маврово Ростуше и Центар Жупа, откако во законскиот рок не беа поднесени приговори. Како што објави претседателот на ДИК Даштевски во Маврово Ростуше е избран Медат Куртовски од СДСМ и коалицијата, додека во Центар Жупа кандидатот на Демократската партија на Турците во Македонија Аријан Ибраим. Во овие општини веќе два пати се организираа избори кои беа неуспешни поради необезбедување законски праг од третина од вкупниот број на избирачи.
Како што потенцираа од ДИК поради тоа што немало приговори ниту за изборот на советници во општината Тетово и таму е утврдена конечност на резултатите. Според донтовиот модел на распределба на мандатите во тетовски совет, советници освоија 6 политички партии. Движење Беса има 12 советници, ДУИ 11, ВМРО-ДПМНЕ четворица, СДСМ двајца, и по еден советник е избран од Алтернатива и ДПА. Вонредните избори се одржаа поради тоа што советот не успеа во законскиот рок да ја изгласа завршната сметка на буџетот за минатата година.
Игор Панов
