Расте интересот за изучување на македонскиот јазик во светот
Учебниците се стожерот на образованието, а современото време налага тие да ги следат потребите на новите генерации. Учебници по македонски јазик за странци имало и ќе има, меѓутоа последните три коишто беа промовирани во рамките на Летната школа за македонски јазик, литература и култура ги следат новите светски трендови и им овозможуваат на странците многу полесно и побрзо да го запознаат и да го научат македонскиот јазик...

Над 300 студенти на повеќе нивоа го изучуваат македонскиот јазик во 20 универзитетски центри во светот, заради што може да се каже дека тие се нашите најголеми културни амбасадори. Поради тоа од големо значење е издавањето на учебници по македонски јазик за странци, како оние што беа промовирани на почетокот на Летната школа за македонски јазик, литература и култура, а се надоврзуваат на оние од 2019-тата.Учебниците „Тешкото“ за почетно, „Лозје“ за средно рамниште и „Везилка“ за напредно се всушност новодизајнирани учебници адаптирани на новите генерации.
„Ова се нови учебници не само по содржина туку и по визуелното, тоа се учебници кои го следат трендот на новите учебници. Тоа се учебници коишто потоа натаму се поставуваат и како ПДФ верзија за да можат електронски да се читаат, но се поставени и како аудио верзии за да можат и да се слушаат“, изјави проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, директор на Летната школа за македонски јазик, литература и култура.
Без учебник нема образование велат професорите од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, посочувајќи дека тоа го знаел и големиот Јордан Хаџиконстантинов Џинот, кој издавајќи ја неговата „Таблица перваја“-првиот буквар покажува колку тој имал сенс како учител дека на децата им треба учебник.
„Учебникот „Лозје“ е издаден во второ и дополнето издание и веќе се користи на Летната школа по македонски јазик, литература и култура што е во тек во Охрид. Овој учебник ги задоволува потребите на средно рамниште на изучување на македонскиот јазик во согласност со стандардите на заедничката Европска рамка за јазиците“, изјави проф. д-р Гордана Алексова, авторка на учебникот „Лозје“.
Расте интересот за изучување на македонскиот јазик во светот. Наскоро треба да започне со работа лекторатот во Анкара каде што е отворена катедра за македонски јазик, а се прават напори што поскоро да се отвори лекторат по македонски јазик во Пекинг, еден од најголемите универзитети во Азија за изучување на странски јазици.
Сашо Нелоски
