Филип Морис влегува во Тутунски комбинат-Прилеп
Водечките светски брендови на Филип Морис ќе се произведуваат во Прилеп заедно со бредновите на Тутунскиот комбинат и истите ќе се промовираат и продаваат со искуството на тутунскиот гигант Филип Морис, којшто е најголемиот гигант во светот во делот на оваа индустрија...

Деновиве завршиле преговорите за усогласување на текстот на договорот за стратешко партнерство со Филип Морис и Тутунскиот комбинат Прилеп. Веднаш по изборите Тутунски комбинат ќе треба да одржи Генерално собрание, да се усвои договорот и потоа да се потпише. Ова го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на синоќешниот митинг во Прилеп.
Со ова, Тутунскиот комбинат и Филип Морис Интернешенл менаџмент, постигнаа договор за заедничко вложување кое произлезе од објавениот повик за стратешко партнерство во месец јули 2013 година.
„Стратешкото партнерство ќе се реализира преку формирање на ново Друштво со ограничена одговорност во кое Филип Морис Интернешнл менаџмент ќе има 51 % капитал учество, додека ТК Прилеп ќе има 49 % учество во капиталот. Новоформираното друштво ќе биде одговорно за производство, дистрибуција промоција и продажба на брендовите од заедничкото портфолио на домашниот пазар“, појасни Груевски.
Груевски потенцираше, дека водечките светски брендови на Филип Морис ќе се произведуваат во Прилеп заедно со бредновите на Тутунскиот комбинат и истите ќе се промовираат и продаваат со искуството на тутунскиот гигант Филип Морис, којшто е најголемиот гигант во светот во делот на оваа индустрија.
„Со договорот за стратешко партнерство се обезбедуваат дополнителни средства за инвестиции, осовременување на производството и подобрување на продуктивноста на Тутунскиот комбинат Прилеп“, рече Груевски.
Долгорочните ефекти од истиот, додаде, ќе биде стабилизирање на работењето на Тутунскиот комбинат Прилеп, по што се очекува Тутунскиот комбинат постепено да се трансформира во профитибилна компанија.
