Образование

Поскапе училишниот прибор

23.08.2022 16:23

Поскапе училишниот прибор, од три до пет илјади денари ќе треба да се издвои од семејниот буџет за новата учебна година. Новите наставни програми се предизвик за надлежните. Во министерството велат, учениците ќе го совладуваат знаењето преку подготвени соодветни материјали, додека не ги добијат новите учебници…

Најмалку 3.000 денари се потребни да одвојат родителите за неопходните материјали за новата учебна година. Во книжарниците веќе има раздвиженост, а цените се повисоки од лани. Учениците се подготвуваат за наставата која засега се планира да биде со физичко присуство.

Од книжарниците велат дека метеж има, но повеќе се распрашуваат за цените, а со купување почнуваат откако ќе ги добијат списоците од училиштата. Додаваат дека сè е поскапо.

Од Министерството за образование велат дека во тек се подготвителни активности за успешен старт и квалитетна настава. По воведувањето на нови наставни програми за учениците од прво и четврто одделение минатата учебна година, сега нови наставни програми се подготвени и за второ и петто одделение, а во фаза на изработка се и нови учебници врз основа на истите, по сите предмети во соодветните одделенија.

Сите постапки за одобрување на учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение за кои се изготвени нови наставни програми, се во различна завршна фаза на одобрување. При евентуално пролонгирање на постапките и по стартот на учебната година, учениците ќе го совладуваат знаењето преку подготвени соодветни материјали, додека не ги добијат новите учебници.

За останатите одделенија, набавката на учебници со откуп е во завршна фаза и се очекува да бидат дистрибуирани до училиштата кон крајот на овој месец.

Министерството за образование информираше дека сите учебници за четврто и погорните одделенија, освен во печатен формат ќе бидат и во електронска верзија.

Ана Јосифоска Тодоровска