Ковачевски: Обединети сме во поддршката на Украина
Осум години по присвојувањето на Крим, уште еднаш годинава се собраа лидерите и сојузниците од западната хемисфера, претставниците на Европската унија, на НАТО. Уште еднаш е дадена поддршка за целовитоста на Украина. На денешниот самит „Кримска платформа“ учествуваше и македонскиот премиер Ковачевски…

Даваме силна поддршка на Украина и украинскиот народ и апелираме до Руската Федерација итно да ја прекине војната и неиспровоцираната агресија. Пушките и тенковите мора да заминат во историјата, бидејќи мирот е најголемото оружје на човештвото – рече македонскиот премиер Димитар Ковачевски во обраќањето на самитот „Кримска платформа“. Руската агресија, подвлече Ковачевски, е неразбирлив напад врз меѓународното право.
„Жестоко ги осудуваме воените напади над Украина од страна на Руската Федерација и нападите на руските сили врз цивилите. Затоа Северна Македонија реши да ги усогласи политиките со ЕУ во однос на војната во Украина и се приклучи на сите мерки и санкции за Руската Федерација“, нагласи премиерот Ковачевски.
Светските лидери недвојбено на страната на Украина. Европејците се подготвени да ја поддржат борбата на Украина на долг рок – рече францускиот претседател Макрон, кој побара да нема никакви компромиси со Русија. Германскиот канцелар Шолц, пак, ветува континуирана поддршка за Украина. Меѓународната заедница никогаш нема да ја прифати руската нелегална, империјалистичка анексија на украинската територија, рече Шолц.
„Она што се случува денес не е само војна која е дел од Европа и го загрижува регионот. Станува збор за нашите универзални принципи, а тоа е правото да живееме во мир со меѓусебно почитување“, изјави францускиот претседател, Макрон.
„Ќе продолжиме со нашите досега невидени санкции заедно со партнерите, ќе ја поддржиме Украина финансиски, ќе продолжиме да ја снабдуваме со оружје, го подготвуваме новиот пакет, вклучувајќи други модернизирани системи за воздушна одбрана“, нагласи германскиот канцелар, Шолц.
Домаќинот на самитот „Кримска платформа“, Володимир Зеленски посочи за надминување на теророт, неопходно е да се извојува победа во борбата против руската агресија, но и неопходно е да се ослободи Крим.
„Сè почна со Крим и ќе заврши со Крим“, рече Зеленски, алудирајќи на тоа дека Русија го присвои полуостровот пред осум години.
Миле Ристески
