Денеска се одбележува светскиот ден на хемофилијата
17.04.2014 10:44
Хемофилијата или т.н. кралска болест е наследна состојба која се карактеризира со целосен недостаток или намалено ниво на факторите кои учествуваат во запирање на крвавењето...

Во Македонија и во светот денеска се одбележува 17 Април, Светскиот ден на хемофилијата, чие годинашно мото е „Зборувај гласно! Направи промена!“.
Хемофилијата или т.н. кралска болест е наследна состојба која се карактеризира со целосен недостаток или намалено ниво на факторите кои учествуваат во запирање на крвавењето.
Поради недостаток на фактор VIII (хемофилија А), односно фактор IX (хемофилија Б), процесот на запирање на крвавењето не може да се одвива нормално како кај останатите луѓе. Но, тоа не значи дека хемофиличарите крвават само кога ќе се пресечат или пак кога ќе се повредат.
Лицата со хемофилија се раѓаат со хемофилија и живеа со хемофилијата секојдневно. Животот на хемофиличарот е пропратен и со бројни крвавења кои настануваат спонтано и тоа најчесто во зглобовите и мускулите.
Бројот на крвавења кај лицата со тешка форма на хемофилија е многу голем и достигнува просечно од 24-48 крвавења годишно. Хемофилијата е се уште под превезот на непознатото и е стигма во голем број сегменти. Су ште имаме хемофиличари и семејства кои ја кријат болеста и не зборуваат отворено за неа. Хемофиличарите и нивните семејства се соочуваат со многу потешкотии во различни периоди од животот.
Според статистичките податоци во светот има вкупно 420.000 хемофиличари, од кои само 180.000 се дијагностицирани.
Според податоците од Центарот за хемофилија при Институтот за Трансфузиона медицина, во Македонија се регистрирани 211 лица со хемофилија А од кои две лица со инхибитори и 104 со хемофилија Б од кои две лица со инхибитори.
