Ден на независноста и 6 месеци од руската инвазија
Зеленски вети дека Украина ќе го врати Крим, кој е анектиран од Русија. На иста линија и Ердоган-полуостровот и припаѓа на Украина. Земјата прославува 31 година од независноста, 6 месеци од почетокот на руската агресија. Рускиот напредок е забавен, но тоа е намерна одлука да нема цивилни жртви, тврди министерот за одбрана Шојгу...

Во период на руска агресија, Украина прославува 31 година од независноста. Се поклопува со шест месечнината од почетокот руската инвазија на Украина на 24 февруари. Илјадници луѓе беа убиени, а милиони беа раселени ширум светот.
„Среќен сум што можам да им честитам на 31-годишнината од декларацијата за независност на Украина. Се сеќавам на тој неверојатен ден во 1991 година кога украинците славеа на улиците како што беше нивната земја се прероди како суверена држава. За жал, денес независноста на Украина е повторно загрозена, а нејзиниот народ со храброст ги брани своите домови и своите семејства“, изјави Борис Џонсон, премиер на Британија.
„Луѓето беа сведоци на нашата солидарност. Во мојот ум сè се смени. Моите вредности во животот. Сега разбирам што може да изгубиме“, рече Руслан Хусеинов, украински полицаец.
„Моите пријатели се борат на фронтот. Затоа е несоодветно да се уморам. Тие имаат право да бидат уморни, а ние мора да помогнеме, да донираме и да плаќаме даноци и да продолжиме да се бориме“, рече жителка на Запорожје.
„На сите ни е многу тешко. Но, како што велат психолозите, треба да направите сè што можете. Ако не можете да го направите за победа, тогаш направете го за себе. Добро е да им помогнете на луѓето во ваша близина, но најдобро е да им помогнете на вооружените сили на Украина“, рече жителка на Запорожје.
Забавувањето на офанзивата за време на специјалната воена операција во Украина е свесна одлука со цел да се минимизираат цивилните жртви, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Украинскиот претседател Зеленски вети дека Украина ќе го врати анектираниот полуостров Крим од Русија. Нагласи дека Киев нема да се консултира со други земји пред да го стори тоа.
„По шест месеци од обидите да не уништат, ние сме слободниот народ на независна Украина. И ова е вистината за нашата иднина. Слободниот народ на независна Украина. Пред шест месеци Русија ни објави војна. На 24 февруари, цела Украина слушна експлозии и истрели. А на 24 август не требаше да се слушнат зборовите „среќен ден на независноста“. На 24 август велиме: среќен ден на независноста, Украина. Во текот на овие шест месеци, ја променивме историјата, го променивме светот и се променивме себеси“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Шефот на НАТО рече дека членките на алијансата мора да инвестираат повеќе во одбраната.
„Треба да трошиме повеќе за одбраната. Се разбира, секогаш е попримамливо да се троши за здравство, образование, инфраструктура, но треба да инвестираме повеќе. Да ги заштитиме и сите сојузници во иднина“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Рускиот напад врз Украина и санкциите воведени на Русија како резултат на тоа доведоа до големо зголемување на цените на вештачките ѓубрива, пченицата, металите и енергијата, што доведе до прехранбена криза и инфлаторен бран што ја тресе светската економија.
Марина Ристова
