Општина центар

Расчистување на објектите во поранешна „Треска“

24.08.2022 13:59

Општина центар почна со отстранувањето на објектите од кругот на поранешната фабрика „Треска“. Просторот мора да се расчисти час поскоро, бидејќи освен извор на зарази, претставува нелегална депонија во срцето на градот-нагласи градоначалникот Герасимовски. Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Герасимовски со пари на општина центар расчистува парцели за градба на приватни инвеститори...

Се расчистува локацијата кај поранешната фабрика „Треска“. Ќе се одвива во неколку фази, а ќе биде завршено за неколку недели, најави градоначалникот на Центар Герасимовски. Најпрво ќе се отстранува опасниот отпад, азбестниот покрив, ќе се уриваат објектите, па ќе се отстранува кабастиот отпад. На крајот ќе се изврши дезинфекција, дезинсекција и дератизација на просторот. Герасимовски вели дека општината не се откажува од носењето нов детален урбанистички план.

Градоначалникот Герасимовски со пари од општина центар, расчистува парцели за приватни инвеститори, за да можат да градат „згради наполитанки“ на тој простор, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ ветуваа дека просторот кај поранешната фабрика „Треска‘“ нема да се бетонизира, а сега гледаме како брутално со народни пари го спремаат просторот за изградба на нови згради кои ќе го задушат тој дел од градот. СДСМ со народни пари работи за приватни бизнис интереси. Додека СДСМ беше опозиција во општина Центар велеа дека откако ќе дојдат на власт ќе ги сменат урбанистичките планови“, стои во реакцијата од партијата.

Герасимовски информира дека до општина Центар се пристигнати 36 барања за издавање решение за отстранување на објекти од кои досега се одобрени 13. Отстранувањето на објектите ќе го вршат самите сопственици. Отпадот потоа ќе биде депониран во Дрисла и ќе биде соодветно уништен. Во април годинава, просторот кај поранешната „Треска“ беше проголтан од пожар, при што беше зафатен магацин полн со пластични материјали, дрва, грмушки и отпад.

Александра Спировска