Совет на јавни обвинители

Русковска останува под суспензија

24.08.2022 14:10

На затворена седница за јавноста, Советот на јавни обвинители ја одби жалбата на обвинителката Вилма Русковска. Потврдено решението на републичкиот јавен обвинител Јовески. Првиот човек на Советот Јолевски изјави дека обвинителката Русковска би требало да биде оддалечена од работа, за да не влијае на текот на постапката на предметот за финансиската полиција и да биде утврдена фактичката состојба со конкретниот предмет. Русковска не сака да коментира одлуки на Советот на јавни обвинители...

Колегите и ја одбија жалбата на шефицата на одделението против организиран криминал за нејзиното оддалечување од службата. Русковска која бараше да се врати на работа сепак од страна ќе ја следи разврската и за кривичната постапка, но и за истрагата за пријавите во финансиската полиција одлучи Советот на јавни обвинители. Претседателот Јолевски рече дека одлуката била тешка бидејќи се работи од една страна за шефицата против организиран криминал, а од друга за државниот јавен обвинител. Смета дека токму немањето комуникација меѓу нив придонело за ваква состојба

Јолевски појаснува дека одлукатa се однесува само за кривичната постапка за која се надева дека ќе заврши наскоро. Бидејќи дел од доказите во основното јавно обвинителство се побарани, дел се обезбедени. За делот на дисциплинската постапка тие немаат ингеренции да постапуваат. Тој тврди дека ова нема да биде лоша порака до обвинителите за нивната независност при постапувањето затоа што секоја постапка е посебна.

После ваквиот исход Русковска за МТВ рече дека нема да коментира одлуки на Советот на јавни обвинители. Претходно нејзината суспензија ја окарактеризира како суспендирање на правото и на правдата. Јавниот обвинител Јовески ја суспендираше Русковска додека трае постапкатa поведена по поднесена кривична пријава против неа од поранешниот директор на финансискатa полиција Арафат Муареми каде Русковска, со обезбедена судска наредба, изврши претрес по анонимни пријави од граѓани. Јовески поведе дисциплински постапки и против нејзините колешки Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.

Фиљана Кока