Сјајот на кралскиот пехар се врати на Бернабеу
Се искреше на стадионот „Местаља“ во Валенсија. Во фантастичен амбиент беспоштедно се војуваше...

Ликуваат фудбалерите на Реал Мадрид, се радува Карло Анчелоти од синоќа тој е меѓу трофејните тренери на славниот клуб, еуфорија владее меѓу навивачите! По 19-ти пат кралскиот пехар пристигна на „Сантјаго Бернабеу“, а неговиот блесок е со најсилен можен сјај, искован против најголемиот ривал.
Се искреше на стадионот „Местаља“ во Валенсија. Во фантастичен амбиент беспоштедно се војуваше. Првиот удар го зададае Реал уште во 11 минута со голот на Ди Марија. Вторпат духовите ги разбранува Бартра во 68-та минута израмнивајќи на 1:1. Тензичната завршница кулминира во 85-та минута кога 50 метарскиот спринт на Герет Бејл заврши со гол, а некоја минута подоцна и со ерупција на завршна радост на фудбалерите во бели дресови.
„Реал до пехарот, со брилијантноста на Бејл“ е насловот на денешното издание на весникот „Марка“.
Карло Анчелоти ја подели среќата со своите соиграчи: „Ова беше фантастична ноќ со неверојатен спектакл. Игравме максимално, онака како што диктираше натпреварот. Отсуството на Кристијано Роналдо ги мотивираше сите.“
Тата Мартино по елиминацијата од Лигата на шампионите се соочи со неуспех и во Купот на Шпанија:„ Ја имавме контролата во играта, ни недостасуваше малку повеќе острина, а тоа скапо го плативме“- вели тренерот на Барселона.
Пресметката на двата шпански гиганти продолжува во Ла Лига.
