Протест на производителите на сливи од Малешевско – Пијанечкиот регион
По оризарите и лозарите, гласот го кренаа и производителите на сливи од Малешевско – Пијанечкиот регион. Бараат повисоки откупни цени, утврдување на производна цена за килограм слива и исполнување на ветеното – отворање преработувачки капацитети и откупни центри за овошјето во Пијанец и Малашевијата...

Незадоволни од ниската цена која ја нудат откупувачите, производителите на сливи денес два часа го блокираа сообраќајот на клучката меѓу Берово, Пехчево и Делчево и патот кон граничниот премин со Бугарија. Трајно решение гледаат со отворање на преработувачки капацитети, што им било ветено пред три години.
Во регионот кој е најголем производител на сливи, нема откупни центри, а годинава нема ниту трговци за откуп. Овоштарите сметаат дека најниската откупна цена не треба да биде под 12 денари за килограм.
Бербата е во тек, ако итно не се реши проблемот со откуп како пред три години кога беа субвенционирани откупувачите, родот ќе пропадне.
Годинава родот на сливите е богат и квалитетен. Само во делчевскиот регион родот тежи околу 14 илјади тони.
Славица Величковска
