Средба на опозициски лидери со Лајчак и Ескобар во Приштина
Динамизирана дипломатска агенда во Белград и Приштина една недела пред септемврискиот рок за активирање на косовските мерки наменети за српските државјани. Ниедна страна засега не сигнализира подготвеност за суштински отстапки. Фокусот неделава пренасочен кон напорите на Брисел и Вашингтон во посредничките обиди. Следна дестинација на Ескобар и Лајчак е Белград...

ЕУ и САД продолжуваат со мисијата за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина. Косовската опозиција на средба со специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот Лајчак, американскиот пратеник за Западен Балкан, Ескобар и амбасадорот на САД во Косово, Ховениер. Посетата е во пресрет на први септември кога владата во Приштина планира да ги активира мерките на реципроцитет кон Србија во однос на регистарските таблички и патните документи. „Бриселскиот договор е ратификуван во косовскиот парламент и е правна обврска на Косово, но политичкиот аспект е насекаде и нè спречува да го примениме“, изјави Лајчак. Им порача на партнерите на Косово да го сменат наративот и да почнат да размислуваат за можностите, а не за заканите. За разлика од Лајчак кој смета дека бриселската средба Вучиќ-Курти не била залудна, косовскиот премиер со поинаков став.
„Србија непотребно и намерно ги засилува и реториката и активностите во сферата на безбедноста. Во Брисел, немавме ни конструктивно учество ни конкретни предлози од српска страна“, изјави Албин Курти, Премиер на Косово.
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија Петар Петковиќ возврати – Курти уште еднаш кажа лаги, невистини, толку очигледни што го демантираат и угледни меѓународни претставници.„Делегацијата од Белград дојде одлично подготвена, со конкретни, конструктивни и одржливи решенија за кризата, што синоќа беше јасно потврдено и од американскиот амбасадор во Белград, Хил“, нагласи Петковиќ.
Актуелната политичко-безбедносна состојба тема и на заедничкиот состанок во Звечан на четирите општини на северот на Косово. Претставниците на Српска листа претходно најавија дека ќе заминат од институциите доколку не биде постигнат компромис.
Поради обновените тензии, КФОР го зголеми присуството на северот од Косово со преместување на трупи од источната команда. Според проценката, состојбата е мирна, нема ризик од војна.
„КФОР нема да дозволат патни блокади бидејќи со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, се обврзани да ги одржуваат мирот и безбедноста на Косово, и да им обезбедат слободно движење на граѓаните. Ако со барикадите се попречува ова, и ако не постигнат договор, ќе дојде момент кога КФОР ќе мора да дејствува. Ги следиме активностите на сите групи во нашата оперативна област, тоа значи дека ги следиме и сите изјави“, изјави генерал, мајор Ференц Кајари, КФОР.
Косово прогласи независност од Србија во 2008 година.
Маја С. Филдишев
