Загриженост во светот поради високите цени на струјата
Во светот загриженост поради високите цени на струјата. Францускиот претседател Макрон со порака до граѓаните – „крај на изобилството и на безгрижноста“. Јапонската влада ќе рестартира нуклеарни реактори за енергетска безбедност. Чешка, земјата претседавач со Европската унија размислува за свикување итен самит на тема – енергетика...

Високите цени на електричната енергија внесуваат голема загриженост во светот. Земјите во битка со времето за изнаоѓање начини како да се преживее претстојнава зима. Крај на изобилството и крај на безгрижноста – вака францускиот претседател Макрон ги предупреди сограѓаните. Посочи дека во наредните месеци се неопходни жртви, бидејќи се соочуваме со голема промена.
„Светот се менува. Моментот што го живееме може да изгледа дека е структуриран од серија кризи, секоја посериозна од друга. Очекувам Владата да го почитува дадениот збор и обврските што ги презедовме кон нацијата“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Претседавачот со Европската Унија, Чешка размислува за итен самит поради неконтролираните цени на струјата. Би требало земјите-членки да усвојат горна граница за поскапување на електричната енергија. Растечките цени предизвикуваат раст на цените на храната. Светот ги менува и навиките за купување храна.
„Мора да признаеме дека оваа година беше големо изненадување за нас. Некои градинари ќе заработат помалку од она на што се надеваа. На долг рок мислам дека производството ќе мора се прилагоди според барањата на потрошувачите“, рече стопанственик од Данска.
Поради заштеда на електрична енергија Бангладеш ги затвора училиштата еден ден во неделата, а владините канцеларии и банките ќе работат со скратени работни часови.
„Имам училиште. Сè уште не сум успеал да поставам генератор. Во оваа ситуација децата многу страдаат. Многу страдаме поради прекините на струјата“, рече Оли Ула, наставник.
Јапонската влада пак, ги претстави плановите за рестартирање на седум нуклеарни реактори со цел да се подготви за прекин на електричната енергија и да обезбеди енергетска безбедност.
„Ќе треба да се донесе политичка одлука за развој и изградба на нова генерација реактори со безбедносни карактеристики“, изјави Фумио Кишида, премиер на Јапонија.
Од нуклеарната несреќа во Фукушима во 2011 година, владата на Јапонија не дискутирала за изградба на нови нуклеарни централи.
Маријана Димовска
