Македонија

Одбележан Денот на независноста на Украина

24.08.2022 17:32

И Македонија се приклучи во одбележувањето на денот на независноста на Украина. Украинската химна истовремено беше пуштена во 50 држави во светот. „Војната промени сè, како за државата, така и за Европа и за светот, но Украинците докажаа дека се непобедливи“, рекоа претставниците на амбасадата во земјава. Од здружението „Лесја Украинка“ се заблагодарија на Македонија за поддршката опишувајќи ја како „мала земја со лавовско срце“…

На Плоштадот Македонија одбележан Денот на независноста на Украина. Независна Украина денеска полни 31 година, откако на 24-ти август, во 1991-вата година, земјата прогласи независност од Советскиот сојуз. Денеска не одбележуваме само независност на Украина, туку и шест месеци од почетокот руската агресија, беше пораката од собирот, а упатена беше и голема благодарност до Македонија и македонскиот народ.

„Нашето единство и самодоверба ни овозможија да ги минеме овие шест месеци и да стасаме до оваа недела која е секогаш многу значајна за Украинците. Секогаш сме велеле и велиме – во име на победата на Украина, сè уште мора да се бориме и сè уште мора да сториме и да зачуваме многу и за несреќа, сè уште мора да поднесеме многу болка. Украина беше, е и секогаш ќе биде независна и обединета. Слава на Украина, слава на нашите херои“, изјави в.д. амбасадорот Роман Буга.

На Плоштадот Македонија присутни беа украинци што живеат во земјава, но и бегалци од Украина. Македонската телевизија ги праша – кои се нивните желби и пораки.

„Борете се за нашата слобода, а вистината ќе победи. Ова е целосно неправедна војна и секој разбира кој е кој, а Украина плаќа голема цена. Желбата е една, а тоа е сите ние да може да се вратиме дома“, изјави украински бегалец.

Украинските амбасади и заедници вакви одбележувања организираа во повеќе главни градови во Европа и светот, додека во украинската престолнина Киев забранети се било какви по масовни собирања, откако украинските власти таму најавија можни руски напади.

Марија Котовска