Украина

ОН бараат дозвола за мисијата на МААЕ во Запорожје

25.08.2022 09:55

Обединетите нации повторно бараат Русија и Украина да ја одобрат експертската мисија на Меѓународната агенција за атомска енергија во нуклеарната централа во Запорожје...

Обединетите нации повторно бараат Русија и Украина да ја одобрат експертската мисија на Меѓународната агенција за атомска енергија во нуклеарната централа во Запорожје. Според Организацијата, барањето начелно е поддржано од сите страни, но сè уште не е договорена рутата преку која тимот би имал пристапот до објектот. Во меѓувреме, руската национална гарда извести дека се уапсени двајца вработени во електраната поради пренесување на информации до украинските власти. Централата е под контрола на Русите, но со неа оперира украински персонал.

„Оштетена е станицата за мониторинг на радијацијата која и дава податоци на Меѓународната агенција за атомска енергија. Во моментов не работи“, рече руски војник.

Во текот на ноќта одекнаа експлозии во Киев. Вооружените пресметки продолжуваат и на источниот фронт. Во ракетен напад погоден патнички воз.

„Дваесет и двајца загинати, петмина изгореле во автомобил, загина 11-годишно дете. Руски проектил му ја урна куќата. Продолжуваат операциите за спасување и пребарување на железничката станица. Окупаторите ќе одговараат за сè што сторија. Сигурно ќе ги истераме од нашата земја“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Во меѓувреме, во Полска почнаа да се уриваат споменици за војниците од Црвената армија од периодот на Советскиот сојуз. Историски паметници претходно беа отстранети и во Летонија и Естонија.