Петровска: Единствена погрешна одлука е руската инвазија на Украина
„Единствената погрешна одлука во целиот изминат период беше руската агресија врз Украина, а одлуките за помош и поддршка на Украина беа за да ѝ се помогне на земјата која беше нападната да се одбрани“, рече министерката одбрана Славјанка Петровска при денешното гостување во телевизиска емисија...

„Единствената погрешна одлука во целиот изминат период беше руската агресија врз Украина, а одлуките за помош и поддршка на Украина беа за да ѝ се помогне на земјата која беше нападната да се одбрани“, рече министерката одбрана Славјанка Петровска при денешното гостување во телевизиска емисија.
Министерката Петровска истакна дека Северна Македонија ја осуди оваа агресија од самиот почеток, и додаде: се приклучивме на санкциите кон Русија и донесовме три одлуки за воена помош за одбрана на Украина, на нејзино барање, но и со согласност и став од Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, дека овие донации кои ќе бидат транспарентно објавени кога ќе има услови за тоа, никако не влијаат на борбената готовност на Армијата.
„Во Европа во 21 век не е дозволено да имаме слики на загинати деца, родители, огромен број на бегалци и затоа сојузниците се обединети во потребата за помош и поддршка на Украина која се брани“, рече министерката.
Во однос на безбедноста на Балканот и воените вежби кои се реализираат во Северна Македонија, министерката истакна дека Северна Македонија е дел од колективната одбрана на НАТО и дека континуираните вежби се начинот на кој се одржуваат армиските капацитети и обученоста.
„Криволак е нашата национална гордост и на полигонот вежби има во континуитет. Со овие вежби и со прелетите на воздухопловите кои се случија пред неколку дена, како и слетувањето на најмодерните ловци Ф-35 пред неколку месеци се демонстрација на силното сојузништво и приказ дека сојузниците се грижат едни за други“, рече министерката.
Посветеноста кон безбедноста на регионот, порача Петровска, може да се види и преку нашето воено присуство во мисијата на НАТО на Косово со околу 70 војници, а присутни сме и во мисијата на ЕУ, АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
