Воен конфликт

Ракетен напад на Денот на независноста со цивилни жртви

25.08.2022 12:42

Светло на крајот на тунелот нема ни половина година од руско-украинската војна. Смртоносен ракетен напад на Денот на независноста со цивилни жртви. Киев и Москва со меѓусебни обвинувања за масакрот. Сирените за воздушна опасност одекнаа на повеќе места. ОН бараат дозвола за мисијата на МААЕ во Запорожје...

„И како што предвидовме, на Денот на независноста, Русите извршија свиреп напад врз цивилно население“ – тврдат украинските власти. Во ракетирање на патнички воз во Чаплин загинаа дваесетина лица. Москва ги отфрла обвинувањата, нагласувајќи дека проектилот бил украински.

„Петмина изгореле во автомобил, загина 11-годишно дете. Руски проектил му ја урна куќата. Продолжуваат операциите за спасување и пребарување на железничката станица. Окупаторите ќе одговараат за сè што сторија. Сигурно ќе ги истераме од нашата земја“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Наместо да направат чекор напред кон мировно решение, Киев и Москва сè повеќе го разгоруваат фронтот во шестиот месец од војната. Запорожје останува во фокусот поради опасноста од напади врз нуклеарната централа. Обединетите нации повторно бараат Русија и Украина да ја одобрат експертската мисија на Меѓународната агенција за атомска енергија. Според Организацијата, барањето начелно е поддржано од сите страни, но сè уште не е договорена рутата преку која тимот би имал пристапот до објектот.

„И покрај прогресот на хуманитарниот фронт, борбите во Украина не даваа знак за крај. Се појавија нови потенцијални области за опасна ескалација. Какви било активности кои може да го загрозат физичкиот интегритет, безбедноста, сигурноста на нуклеарната централа се едноставно неприфатливи. Секоја натамошна ескалација на ситуацијата може да доведе до самоуништување“, изјави Антониот Гутереш, генерален секретар на ОН.

Во Русија уапсен Евгениј Ројзман, еден од последните позначајни опозициски политичари. Поранешниот градоначалник на Екатеринбург е обвинет за дискредитирање на руската армија за што може да добие петгодишна затворска казна.

„Во основа, ова е поради тоа што војната ја нареков војна“, рече Евгениј Ројзман.

Проценките на групите за човекови права покажуваат дека над 16 илјади луѓе биле приведени поради улични протести, објави на социјални медиуми и користење на зборовите „инвазија“ и „војна“ наместо фразата „специјална воена операција“. Само неколку дена откако рускиот претседател Владимир Путин ги прати трупите во Украина, парламентот одобри закон со кој се забранува ширење на лажни информации и деградирање на армијата.

Во меѓувреме, во Полска почнаа да се уриваат споменици за војниците од Црвената армија од периодот на Советскиот сојуз. Историски паметници претходно беа отстранети и во Летонија и Естонија. Русија им понуди азил и виза на оние кои биле приведени за време на протестот против владината одлука во Летонија.

Во знак на благодарност за поддршката до Белорусија, во Москва неделава беше отворена продавница за облека и спортска опрема со цитати од претседателот Александар Лукашенко. „Јас сум диктатор, тешко ми е да разберам демократијата“, „Ако сакате да знаете како спијам, треба да спиете со мене“, се само дел од шеговитите реченици кои беа испишани на моделите кои ги претставија на модната ревија на денот на отворањето.

Маја С. Филдишев