Енергетска криза

Струен шок за компаниите

25.08.2022 13:54

Стравот од најавите дека цената на струјата повторно ќе оди нагоре, го става под знак прашалник опстанокот на многу компании. Во земјите од регионот ценовниот шок со струјата не е толку голем. И бизнисменот Зоран Витанов се согласува дека децениските лоши државни политики ќе ги покажат резултатите во оваа криза. Смета дека е потребна државна стратегија за производство на енергија и храна, зашто стануваме увозно зависни...

Од 50 илјади, сметката за електрична енергија на бизнисменот Славчо Јорданов од Неготино станала 250 илјади денари. Потрошувачката иста, сумата за пет пати поголема. Фотоволтаиците ублажиле, но стравот од најавите дека цената на струјата на берзите ќе расте става голем знак прашалник за опстанокот на неговата компанија. Јорданов вели, во моментот е околу 600 евра за мегават, а прогнозите се дека зимава ќе достигне и до 1000 евра за

„Една опција е да ја покачиме цената на производот, меѓутоа доколку конкуренцијата, бидејќи ние не живееме сами на светот и имаме конкуренција од околните земји кои имаат многу поевтини енергии и ние нема да бидеме конкурентни“, изјави Славчо Јорданов, бизнисмен.

Конкуренти на македонските бизнисмени се Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Албанија, Јорданов вели дека кај нив ценовниот шок со струјата не е толку голем, а тоа значи дека не мораат драстично да ја зголемат цената на крајниот продукт. Процесот за производство на неговиот краен продукт не се заснова исклучиво на електрична енергија, па затоа евентуалната корекција би била со 10 проценти плус на моменталната цена, но оние производи, вели, што се зависни од електричната енергија, како замрзнатите, тие ќе мораат и до 50% да поскапат. Спасот го гледа во домашното производство на струја.

„Решение е максимално домашно производство и барем половина од струјата да ја добиваме од домашниот пазар по некоја понормална цена и дел од струјата да ја купуваме на берзата а да не биде 100% купено на берзата“, додаде Јорданов.

На иста линија е и бизнисменот Зоран Витанов. Вели дека децениските лоши државни политики ќе ги покажат резултатите во оваа криза.

„Нема да претерам ако кажам дека веќе 25 години, ние луѓето од приватниот сектор предупредуваме дека енергијата треба да ни биде сопствен извор и ние да имаме контрола. Кога велам енергија мислам на храна и на енергенси. Сега ќе ни се удри по глава Чебрен и Галиште“, беше дециден Зоран Витанов, бизнисмен.

Бизнисот помина две тешки години во Ковид кризата. Војната на Европско тло како нова фаза, ќе значи клуч за многу компании.

Катерина Топалова