Лајчак: Се работи за луѓе што живеат тука
Лајчак и Ескобар во косовска Митровица на средба со претставниците на Србите во Косово. Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина одби да одговори дали побарале од косовските власти да го одложи спроведувањето на одлуката за табличките...

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, по средбата во косовска Митровица рече дека со американскиот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар разговарале за сите важни теми со претставниците на српската листа.
„Добри опции се оние кои го чуваат мирот и нормалната атмосфера на теренот. За нас е важно да се сретнеме со претставниците на Србите на Косово и Метохија, тие да слушнат од нас која е целта на нашата мисија и од прва рака да слушнеме каква е атмосферата, какви се очекувањата. Каква одлука и да се донесе, Србите кои живеат таму се во центарот на тие одлуки. Секоја лоша одлука им го влошува животот, добрата одлука го подобрува“, изјави Мирослав Лајчак, специјален пратеник на ЕУ.
По средбата која Лајчак ја оцени како многу важна, се очекува средба и со претседателот Вучиќ. Одби да одговори на прашањето дали побарале од Приштина да го одложи спроведувањето на одлуката за таблички и документи за три месеци. Истакна дека добри опции се оние кои го зачувуваат мирот и нормалната атмосфера на терен.
За најавата на Албин Курти дека спроведувањето на реципроцитетот ќе почне од 1-ви септември, специјалниот претставник рече дека не сака да коментира поединечни изјави.
Очекува Вучиќ и Курти наскоро повторно да се сретнат во Брисел.
Средбата на претставниците на Србите со Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар е по повод кризата на Косово и Метохија која настана по одлуката на Приштина за српските лични карти и пререгистрација на возилата, чие спроведување беше најавено за 1-ви септември.
Марина Ристова
