Македонија

Пациенти кои се лекувале од Ковид-19 во „Жан Митрев“ со поддршка за болницата

25.08.2022 15:55

Пациенти кои се лекувале од Ковид-19 во клиниката „Жан Митрев“ раскажуваат за позитивните искуства. Тврдат дека никој не им понудил пари за поддршка на клиниката, тоа го прават од благодарност. Велат дека за хемофилтрацијата потпишале согласност, а таа им го спасила животот…

Бев во многу тешка состојба, по само два дена од заразувањето, болеста ми ги нападна белите дробови, сатурацијата ми беше под 80. Сам возев до клиникава и веднаш ме презедоа. Завршив и на респиратор, а пред да ми биде направена хемофилтрација, ме прашаа и мене и мојот татко дали се согласувам. Веднаш по првата хемофилтрација мојата состојба се подобри. Хемофилтрацијата ми го спаси животот. Раскажува Горан Стаменков, пациент кој се лекувал во клиничката болница „Жан Митрев“.

Со слично искуство и другите пациенти. Тврдат дека никој не им понудил никакви пари за да дадат поддршка на клиниката. Истакнаа дека како пациенти на клиниката чувствуваат потреба да ја кажат и нивната приказната.

Претходно ИРЛ во документарниот филм „Нечиста крв“ обелодени сведоштва на семејства на ковид-пациенти врз кои била применувана методата хемофилтрација без да знаат дека се предмет на клиничко испитување. Клиничките студии кои се вршеле во болницата не биле пријавени во државната Агенција за лекови – МАЛМЕД. Обвинителството засега го гони Жан Митрев единствено за измама на пациенти.

Ана Јосифоска Тодоровска